Македонија Сите ги чекаат Бејли и Орав за да видат што понатаму

Сите ги чекаат Бејли и Орав за да видат што понатаму

Денеска амбасадорите на САД и на Европската унија, Џес Бејли и Аиво Орав, треба да дадат оцена дали се исполнети условите за фер и демократски избори. Еден од условите што тие ги поставија е партиите да постигнат договор за медиумите, но такво нешто вчера не се случи.

Како што сега стојат работите, Собранието треба да се распушти в среда, на 24 февруари, а два месеци подоцна, на 24 април, треба да се одржат изборите.

Дали ќе има некакви промени во овие датуми, не открива ниту една од партиите.

Според ВМРО-ДПМНЕ, исполнети се сите услови за фер избори, додека, пак, за СДСМ, двата најважни услови – прочистување на избирачкиот список и реформи во сферата на медиумите – не се исполнети.

Иво Котевски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека неговата партија ќе продолжи да постапува како и досега.

– Ние секогаш сме подготвени за преговори и секогаш досега сме биле конструктивни. Нашата партија останува да постапува во согласност со Договорот од Пржино, законите и со Уставот – ни изјави денеска Котевски.

Петре Шилегов, портпаролот на СДСМ, вели дека според нив, условите за фер и демократски избори не се исполнети. Тој ја повтори изјавата на лидерот на опозициската партија дека „нема на телевизија да ги гледаат изборите“.

– Избирачкиот список треба да се прочисти до 5 март, што значи сè треба да биде завршено за 15 дена. Договор за медиуми нема, како може да има фер и демократски избори. Ние остануваме на ставот дека на вакви избори нема да учествуваме, но нема ни да ги гледаме на телевизија – вели Шилегов.