Свет Сирискиот претседател останува убеден во поддршката на Москва и Техеран

Сирискиот претседател останува убеден во поддршката на Москва и Техеран

Сирискиот претседател, Башар ал-Асад е убеден дека континуираната поддршка што ја добива од Иран и Русија ќе продолжи и во иднина.

Новиот бран преговори, кои се во тек, за разрешување на конфликтот во Сирија, како што јавува „Би-Би-Си“, ги подгрева шпекулациите дека Асад би можел да биде притиснат околу постигнувањето на конечен договор.

Од друга страна сирискиот претседател, во контекст на поддршката од клучните сојузници изјавил дека Русија и Кина никогаш не ги напуштаат своите пријатели.

Во меѓувреме, пренесува британскиот национален сервис, Франција соопштила дека „неутрализирањето“ на Асад е клучно за ставање крај на кризата во Сирија.

„Мораме да го редуцираме влијанието на тероризмот без одржување на Асад на власт. Тие две работи се поврзани“, изјавил францускиот претседател Франсоа Оланд.

Сепак сирискиот претседател, зборувајќи за либанската телевизија „Ал-Манар“, која е под контрола на Хезболах, изјавил дека некаков пресврт во однос на решавањето на кризата засега не е на повидок.

Тој изјавил дека решение е можно единствено ако надворешниот свет престане да го поддржува „тероризмот“, термин кој Асад го користи кога зборува и за опозициските активисти и за организираните џихадистички групи, заедно.

Сирискиот конфликт почна со антивладини демонстрации во 2011 година, кои прераснаа во крвав повеќе-стран конфликт, во кој загинаа над 250.000 луѓе.