Свет Балкан Сирија го попречувала летањето на турските воени авиони

Сирија го попречувала летањето на турските воени авиони

Два сириски авиона и ракетен систем земја-воздух од база во Сирија го попречувале летот на три турски авиони „Ф16“ кои патролирале на турско-сириската граница, соопшти денеска турската војска.

Турските авиони вчера исчезнале на две минути од радарот како последица на пречките од ракетниот систем, а поради сириските авиони „СУ-22“ и „СУ-24“ две минути и 35 секунди летале под радарот.

Турција минатиот викенд ја обвини Русија дека нејзините авиони навлегле во турскиот воздушен простор.

Истовремено, турската војска соопшти дека спровела воздушни удари и гаѓала позиции на борците на Курдистанската работничка партија (ПКК) во Југоисточна Турција и на северот на Ирак.

Нападот доаѓа еден ден откако политичкото крило на ПКК ги повика своите борци да ги запрат нападите до изборите во Турција, закажани за 1 ноември. Борците на ПКК добиле наредба само во случај на напад да возврат. Турската војска денеска бомбардирала мети во Метина и во Запа, на северот на Ирак.