Подглавна секција Силен земјотрес ги погоди Грција и Турција, двајца загинати и 170 повредени

Силен земјотрес ги погоди Грција и Турција, двајца загинати и 170 повредени

Најмалку две лица загинаа, а 170 се повредени во земјотресот со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала, што утринава беше регистриран во Егејското Море, во близина на грчките и на турските туристички места. Хеликоптери ги превезуваат повредените во околните болници.

На грчкиот остров Кос, како што јавуваат локалните власти, две лица загинале, а 100 се повредени во земјотресот, кој предизвикал и помало цунами.

Во турското летувалиште Бодрум, околу 70 лица се повредени и се хоспитализирани.

Грчките власти испратиле хеликоптери за да ги префрлат повредените на поголемиот грчки остров Родос, за да им биде пружена лекарска помош. Според информациите на грчката крајбрежна служба, земјотресот предизвикал штета и во пристаништето на островот Кос.

На сликите на социјалните мрежи се гледаат оштетени објекти и поплави, кои ги предизвикало малото цунами.

Во Турција, властите го предупредиле населението дека се очекуваат повратни потреси и дека земјотресот не причинил материјална штета.

Европската агенција за земјотреси (ЕМСЦ) соопшти дека би можело да дојде до појава на помало цунами, но турските телевизии, повикувајќи се на турски експерти, јавија дека можна е појава само на поголеми бранови.