Македонија Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ да престане да ги штити Зврлевски и криминалот

Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ да престане да ги штити Зврлевски и криминалот

„ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да ги штити Марко Зврлевски и криминалот во оваа земја. За жал, пратениците на оваа партија се инструментализирани и преку обид да направат целосна блокада на Собранието, дејствуваат всушност единствено во заштита на криминалот на нивното партиско раководство“, порача на прес-конференција во Собранието на Република Македонија пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов.

– Ние сме свесни дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ е исклучително нервозно поради судските процеси што ги чекаат. Но, нивната нервоза нема да ја спречи правдата и нема да спречи конечно во Македонија сите да бидат еднакви пред законот и еднакво да одговараат за своите постапки. Доколку навистина веруваат дека нивното толкување на членот 8а од Изборниот законик е такво какво што е и дека разрешувањето на Марко Зврлевски би било незаконито, тоа е причина повеќе да се повлечат бесмислените дебати, реторики, реплики и контрареплики на самите себе, за ако е навистина незаконито тоа разрешување, да може Марко Зврлевски понатаму да си поведе постапка за таква незаконитост – порача Шилегов.