Свет Седница на ОН посветена на Косово

Седница на ОН посветена на Косово

Седница на Советот за безбедност на ОН, посветена на Косово, ќе се одржи денеска во Њујорк. На неа ќе биде разгледан извештајот на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, за работата на Привремената административна мисија на Обединетите нации на Косово (УНМИК) и за ситуацијата на Косово во изминатите три месеци.

Извештајот, како што се очекува, ќе биде претставен од шефот на УНМИК, Захир Танин.

Србија ќе биде претставена од министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, а свое учество најавила и косовската амбасадорка во САД, Влора Читаку.

Генералниот секретар на ОН во извештајот изразил загриженост поради бавната примена на договореното во дијалогот меѓу Белград и Приштина во последната година.

Во извештајот кој го опфаќа периодот од 16 јануари до 15 април оваа година, Ки-мун оценил дека на Косово треба уште многу да се направи околу промовирање на поголема толеранција и помирување меѓу заедниците, околу обезбедување заштита на малцинските права, како и да се олесни враќањето на раселените, да се поддржат нивните имотни права и да се заштити верската традиција.

Тој во документот повторил дека Косово се соочува со значајни предизвици во областа на владеењето на правото.