Uncategorized СДСМ: Власта сака да го уништи УКИМ

СДСМ: Власта сака да го уништи УКИМ

Целта на власта е ако може, да го уништи најстариот, најдобриот универзитет во земјата, „Св. Кирил и Методиј“, обвини денеска на прес-конференција Петар Атанасов, претседател на комисијата за образование на СДСМ.

– Начинот и процедурата за избор на нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ покажа дека власта сака да се меша во работите на најстариот универзитет во земјата. Според техничкиот дел од гласањето, нов ректор е професорот Никола Јанкуловски. Но, не може да се избројат сите нерегуларности и недемократскиот амбиент во кој се избираше новиот ректор. Недозволиво за една ваква институција! Власта повторно покажа дека е уплашена од студентите, не ги почитува и нема намера да соработува со нив. Власт што нема намера да соработува со студентите, се откажала од иднината – рече Атанасов.

Тој додаде дека шверцерското враќање на законот за основање на универзитетот „Дамјан Груев“ во Собранието е уште една тула во ѕидот што власта сака да го изгради околу УКИМ.

Според Атанасов, власта повторно го брани единствено партискиот интерес, со ставање на законот на седница кога опозицијата е надвор од Собранието.

– Нема дебата, нема аргументи, има само партиска наредба и партиски интерес!СДСМ ги искажа сите свои аргументи за овој предлог-закон со поднесување близу илјада амандмани. Академската јавност ги искажа своите сериозни критики. На Република Македонија не ѝ потребен уште еден партиски универзитет, на штета на финансирањето на другите државни универзитети – рече Атанасов.