Главна секција СДСМ сè уште нема донесено одлука дали ќе оди во Виена

СДСМ сè уште нема донесено одлука дали ќе оди во Виена

СДСМ сè уште нема донесено одлука дали нивна делегација ќе присуствува на најавената лидерска средба в петок во Виена, закажана на иницијатива на тројцата европратеници, Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан.

На прашањето на „Мета“ дали во паријата донеле одлука и дали ќе присуствуваат на лидерската средба во Виена, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговори со порака „Немаме сè уште одлука“.

Вчера, тројката европратеници испрати покани до четирите политички партии потписнички на Договорот од Пржино за нова средба, овојпат во Виена.

ВМРО-ДПМНЕ веќе соопшти дека нејзина делегација ќе учествува на средбата. СДСМ, пак, вчера навести дека за да донесе одлука, прво ќе се консултира со партнерите од коалицијата и со преставниците на граѓанскиот сектор.

Неофицијално, Али Ахмети ќе присуствува на средбата, а официјално ДУИ сè уште стои на изјавата „Покана е примена и се обидуваме да издејствуваме решение за кризата и пред одењето во Виена“.

Средбата во Виена е уште еден обид на меѓународната заедница за излез од политичката криза и во пресрет на веќе распишаните предвремени избори на 5 јуни, кои опозицијата најави дека ќе ги бојкотира.

Секој ден низ градовите во земјата има протести на кои граѓаните го искажуваат својот револт и бараат оставка од претседателот Ѓорге Иванов, како и да се создадат услови за демократски и фер избори.