Главна секција СДСМ: Мицкоски да каже дали е за НАТО и ЕУ или за...

СДСМ: Мицкоски да каже дали е за НАТО и ЕУ или за одбрана на криминалот

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се уште не се изјасниле за референдумот, немаат јасен став за најважните прашања за државата и граѓаните. Цела деценија ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за референдум и право на граѓаните да го изберат патот по кој ќе се движи државата во иднина, а сега, кога референдумот е извесност немаат јасен став, велат во соопштение до јавноста од владејачката партија СДСМ.

„Тоа говори за несериозниот, неодговорен однос на оваа опозициона партија и нејзиното раководство кон граѓаните и иднината на државата. ЕУ и НАТО се нашата иднина. Секој што е за просперитетна иднина, со зачуван и зајакнат идентитет ќе го поддржи референдумот на кој граѓаните ќе го имаат последниот збор. Време е Мицкоски да докаже на дело за што е. Ако е за иднина на Македонија во НАТО и ЕУ треба да ги повика членовите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на референдум и да изберат иднина“, се вели во партиското соопштение.

Во спротивно, додаваат од СДСМ, Мицкоски ќе покаже дека лаже и дека всушност е за одбрана на криминалот на неговиот претходник, за изолација, назадување и неизвесност.