Македонија СДСМ до Собранието денеска ќе поднесе предлог-закон за медиуми

СДСМ до Собранието денеска ќе поднесе предлог-закон за медиуми

СДСМ го поддржува предлог законот за реформи во медиумите, поднесен од новинарските здруженија, изјави денеска на прес-конференција, Горан Сугарески, координатор на пратеничката група на опозицијата. Тој рече дека денеска нивната пратеничка група и коалиционите партнери поднесуваат предлог-закон за изменување на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, по скратена постапка со барање за одржување на итна седница на Собранието.

– Не само усвојувањето, туку и имплементацијата на овој закон е исто така важна и нужна. За да има услови за фер и демократски избори, мора да бидат избрани и конституирани новите членови на Советот на АВМУ и Советот на МРТВ. Законот треба да биде усвоен веднаш и целосно имплементиран да важи за предвремените парламентарни избори – рече Сугарески.

Тој додаде дека предлогот на новинарските здруженија е во насока на предлозите на меѓународната заедница што СДСМ ги поддржува. Според Сугарески, реформите во медиумите се клучна заложба на СДСМ и еден од условите за фер и демократски избори. Тој вели дека без регулација на медиумите и прочистен избирачки список нема да има фер и демократски избори.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали СДСМ ќе учествува на избори без регулација на медиумите тој рече дека се уште има време и можност да се спроведат рефермите во медиумите.