Македонија САД изврши уште еден воздушен напад во Јемен

САД изврши уште еден воздушен напад во Јемен

Со „Томахок“ ракета била таргетиран воена база, која беше една од 30 воени бази кои беа бомбардирани во вчерашниот обемен напад од САД и Обединетото Кралство

U.S. Navyderivative work: The High Fin Sperm Whale, Public domain, via Wikimedia Commons

САД изврши воен напад со „Томахок“ ракети во база во Јемен, каде се вршело лоцирање со радарски системи. Нападот доаѓа еден ден по обемниот напад на САД и Обединетото Кралство врз речиси 30 воени бази во Јемен, известува Гардијан.

Петмина загинале и шестмина биле повредени во вчерашните напади.

Нападите на САД и Обединетото Кралство се одговор на нападите врз бродови во Црвеното Море од страна на Хути, екстремистичката организација која го управува Јемен. Нападите на Хути започнаа по војната во Газа и нивната иницијална цел беше да се спречи гориво и други ресурси да стигнат до Израел. Всушност, беа таргетирани секакви бродови.

Хути изјавија оти нема да престанат со своите напади врз бродови сè додека не се обезбеди примирје во Газа и дека САД ќе платат „висока цена“ за нападите. Дополнително, вчера беа забележани масовни протести во Јемен.

Претседателот на САД Џо Бајден изјави оти мисијата била успешна и ја бранеше потребата на нападите. Но, многу американски конгресмени го критикуваа претседателот што ја донел одлуката за извршување на бомбардирањето без одобрението на конгресот.

Но, прашање е дали нападот во Јемен всушност ќе доведе до помалку напади од Хути. Напротив, можно е да доведе до повеќе агресија. Имено, британски брод бил таргетиран вчеравечер, но ракетата го промашила бродот за околу 500 метри.

Генералниот секретар на обединетите нации Антонио Гутереш ги повика двете страни да не го ескалираат конфликтот.