Свет Свет САД и Русија постигнаа договор за прекин на непријателствата во Сирија

САД и Русија постигнаа договор за прекин на непријателствата во Сирија

Соединетите Американски Држави (САД) и Русија соопштија дека постигнале договор за „прекин на непријателствата“ во Сирија, кој, според најавите, треба да стапи на сила в понеделник на зајдисонце, јавува „Би-би-си“.

Според планот, силите на сириската влада треба да ги запрат борбените мисии во одредени подрачја кои се под контрола на опозицијата.

Русија и САД, исто така, треба да формираат здружен центар за борба против Исламска држава и милитантите на Фронтот Ал-нусра.

Договорот за прекин на непријателствата во Сирија следи по неколкудневните разговори во Женева меѓу шефовите на дипломатиите на САД и на Русија, Џон Кери и Сергеј Лавров.

Планот бара од сириската влада и од опозицијата „да ги исполнат своите обврски“, изјавил Кери во Женева. Тој додал дека опозицијата, која ја има поддршката на САД, изразила подготвеност да го спроведе планот под услов и сириската влада да „покаже сериозност“ во врска со договорот.

Министерот за надворешни работи на Русија, Лавров, изјавил дека ја информирал сириската влада за договорот и дека таа е подготвена да ги исполни своите обврски.

Планот предвидува и пристап на хуманитарната помош до отсечените подрачја.