Свет Европа Русија убила 513 деца од почетокот на инвазијата на Украина

Русија убила 513 деца од почетокот на инвазијата на Украина

Како што јавува украинската државна новинска агенција Укринформ, ноќеска руските инвазиски сили лансирале осум дронови од иранско производство Шахид, при што седум од нив биле пресретнати над регионите Днипропетровск, Кировхрад и Запорижја

Фото: Ukrinform

Како резултат на руската инвазија на Украина што почна на 24 февруари 2022 година, досега 513 деца во земјата ги загубиле животите, а 1.161 дете биле повредени, известува украинската државна новинска агенција Укринформ пренесувајќи го соопштението на Генералното јавно обвинителство на Украина.

„Повеќе од 1.674 деца станале жртви на војната во Украина, како резултат на целосната оружена агресија од страна на Русија. До утрото на 28 декември, според официјалните извештаи од обвинителите за малолетници, 513 деца биле убиени и 1.161 дете биле повредени“, се вели во извештајот на Јавното обвинителство на Украина.

Сепак, ова не се конечните статистики, бидејќи сѐ уште се работи на потврдување на податоците што доаѓаат од зоните на војување, окупираните или ослободените зони.

Најголем број од децата-жртви се регистрирани во регионот Донецк (497), потоа во регионот Харкив (304), во Херсон 140, во Кијив 129, во регионот Запорижја 100, во Днипропетровск 98, Миколаив 97, Чернихив 72 и во Луханск 67.

Инаку, како што јавува украинската државна новинска агенција Укринформ, ноќеска руските инвазиски сили лансирале осум дронови од иранско производство Шахид, при што седум од нив биле пресретнати над регионите Днипропетровск, Кировхрад и Запорижја.

Напад со дрон е регистриран и во големиот пристанишен град Одеса, при што е дејствувано со орудија за противвоздушна одбрана. Делови од дронот паднале на станбена зграда и предизвикале пожар. Не е познат бројот на жртви или на повредени.

Извршени биле и ракетни напади врз градот Харкив, и тоа од територијата на Русија, по што градот има проблеми со снабдувањето со струја и со транспортот. Се работи на надминување на пречките. Харкив бил гаѓан со ракети С-300 и Кх-22. Регистрирани се најмалку осум ракети.

Регистрирани се и два напада врз Лвив, град на крајниот запад на Украина, но досега нема детални информации за штетите.