Свет Европа Русија планира референдум во окупираниот Херсон, Молдавија стравува од конфликт на нејзина...

Русија планира референдум во окупираниот Херсон, Молдавија стравува од конфликт на нејзина територија

Извор на фотографија: Укринформ

Руските окупаторски сили во Херсон денеска ги растераа демонстрантите кои одржаа мирен протест против одржувањето на т.н. референдум, со којшто би се формирала нова самопрогласена „Народна република Херсон“, јавува Укринформ. Руските сили привеле дел од демонстрантите, а медиумските извештаи јавуваат и за повредени цивили на протестот.

Комесарот за човекови права во украинскиот парламент, Људмила Денисова изјави дека намерата на руските окупанти е да одржат референдум за прогласување на нова „народна република“ во периодот од 1 до 10 мај годинава. Руските сили веќе назначиле нова администрација во Херсон, додека руското Министерство за одбрана вчера објави дека во целост го зазеле Херсонскиот регион, што досега не е потврдено и од украинските власти.

Би-би-си јавува дека борбите на истокот и на југот од Украина продолжиле во регионите Донецк, Луганск, Харкив, Запорожје, Херсон и Миколаив. Украинските сили пружаат жесток отпор на руските напади, така што напредокот на фронтот од страна на Русите се одвива бавно. Руската војска е сконцентрирана на напади јужно од градот Изиум, во правец кон градовите Барвинкове и Славјанск. Борби се водат и во Луганск за градовите Попасна и Северодонецк.

Украинските власти информираа дека синоќа руските сили гранатирале комбинирана електрана за топлинска и електрична енергија, како и складишта за жито во регионот Дњепропетровск. Украина појаснува дека од гранатирањето на производствените капацитети за жито зависи не само снабдувањето со храна на Украина, туку и на целиот свет, јавува Укринформ.

Весникот Гардијан пишува дека нова главоболка за европската безбедност може да биде разгорувањето на замрзнатиот конфликт во Молдавија околу отцепениот регион Транснистрија. Изминативе денови се случиле серија од експлозии во овој регион, за кои самопрогласените власти од Транснистрија обвинуваат дека доаѓаат од Украина. Во регионот живеат околу 465.000 жители, претежно Руси и Украинци, кои се отцепија од Молдавија по пат на војна во 1992 година.

Во Транснистрија има огромно депо со оружје и муниција, како и 1.500 руски војници кои имаат постојана база во регионот. Покрај преку поддршка со војници, официјална Москва регионот го потпомага со бесплатен гас, како и доделување руски пасоши на жителите. Од друга страна, овој регион е многу блиску до пристанишниот град Одеса и украинските власти во неколку наврати споменаа дека ова може да се искористи од Русија за идни непријателски активности.

Молдавската претседателка Маја Санду веќе јасно изјави дека се противи на отцепување на Транснистрија и сака руските сили во овој регион да бидат заменети со набљудувачка мисија на ОБСЕ. Таа изјави дека определени сили од Транснистрија се заинтересирани за дестабилизација на состојбата во регионот.