Свет Европа Русија ќе почне со поставување на нуклеарните ракети во Белорусија од 7-8...

Русија ќе почне со поставување на нуклеарните ракети во Белорусија од 7-8 јули

Фото: Официјална веб-страница на претседателот на Русија, kremlin.ru ; 9 јуни 2023

Русија ќе постави тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, откако соодветните капацитети за нивно чување и примена ќе бидат готови – на 7 и 8 јули, најави рускиот претседател Владимир Путин денеска на средбата со белорускиот претседател Александар Лукашенко во Сочи.

„За најчуствителните прашања, за коишто се договаравме со Вас, се оди по планот. Како што знаете, на 7-8 јули ќе заврши подготовката на соодветните капацитети и веднаш ќе почнеме со активностите поврзани со распоредување на вашата територија на соодвените видови вооружување. Така што се оди по планот, се е како што е договорено“, му рекол Путин на Лукашенко на денешната средба, се дознава од транскриптот на разговорот објавен на веб-страницата на рускиот претседател.

Тоа ќе биде првпат по распадот на Советскиот Сојуз да се поставуваат нови нуклеарни капацитети на некогашната територија на комунистичката држава надвор од сегашна Русија.

Путин во март годинава најави поставување тактички нуклеарни оружја во Белорусија, како предупредување кон НАТО поради неговата поддршка за Украина.