Македонија Медиумска опсерваторија „Репортери без граници“ денеска ја отвори онлајн платформата „Иницијатива за новинарска доверба“

„Репортери без граници“ денеска ја отвори онлајн платформата „Иницијатива за новинарска доверба“

Новата онлајн платформа „Иницијатива за новинарска доверба“ денеска беше отворена од организацијата „Репортери без граници“, која што ќе им овозможи на медиумите ширум светот да ја проверат, претстават и промовираат усогласеноста на нивните уредувачки процеси во согласност со најдобрите практики. Во нивното соопштение се наведува дека платформата претставува радикален и иновативен чекор напред во борбата против дезинформациите.

Он-лајн платформата е заснована на список од развиени критериуми, при што им овозможува на медиумите преку трите поминати фази да се стекнат со ознаката JTI. Во првата фаза, медиумот е поканет да изврши самооценување преку он-лајн апликацијата, којшто подразбира внатрешна проверка на сообразноста со JTI стандардот. Во втората фаза, резултатите од самооценувањето овие медиуми ќе ги објават во форма на извештај за транспарентност. Последната фаза е надворешна ревизија која вклучува независна проценка од страна на лиценцирано тело за сертификација.

На денешното отворање на он-лајн платформата му претходеше пилот фазата, во која учествуваа скоро 50 медиуми што го тестираа инструментот, меѓу кои Шпигел, Француската телевизија, ЦБЦ/Радио Канада и други медиумски куќи. Оваа платформа е кофинансирана од Европската Комисија и Крег Њумарк филантропи, а „Репортери без граници“ се надеваат дека истата ќе биде од полза за јавноста, огласувачите, регулаторите и други трети страни, но и на медиумите кои не ги исполниле критериумите од трите фази а се стремат кон тоа.

Доделувањето на JTI стандардот е засновано на збир од професионални критериуми што се развиени во соработка со повеќе од 130 организации и медиумски работници, академици, регулатори, саморегулаторни тела и технолошки компании.