Свет Ракетниот тест е подготовка за воени акции во Пацификот, порача Пјонгјанг

Ракетниот тест е подготовка за воени акции во Пацификот, порача Пјонгјанг

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го оценил вчерашното тестирање на балистичката ракета како успешно и го опишал како подготовка за напад на американскиот остров Гуам во Пацификот, се наведува во соопштението што го пренесе државната новинска агенција на Северна Кореја – КЦНА.

Во соопштението се наведува дека Ким Џонг-ун изразил големо задоволство поради успешниот тест и наредил уште неколку слични тестирања во области во Тихиот Океан.

Агенцијата КЦНА истакна дека балистичкиот тест на Пјонгјанг е одговор на заедничките воени вежби на САД и на Јужна Кореја.

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) синоќа одржа итен состанок на кој остро го осуди лансирањето на балистичката ракета кон Јапонија и го повика Пјонгјанг да се откаже од ракетната и од нуклерната програма.

Советот за безбедност на ОН ги оцени акциите на Северна Кореја како „невидени“, наведувајќи дека се изведени со намера да се загрози мирот и стабилноста во регионот. Советот го повика Пјонгјанг да преземе „директни и конкретни мерки“ за намалување на тензиите на Корејскиот Полустров.

Итниот состанок беше одржан на барање на Вашингтон, Токио и на Сеул, откако Пјонгјанг вчера истрела балистичка ракета која ја прелета Јапонија пред да падне во Тихиот Океан.