Свет Путин повика на широка коалиција во борбата против ИД

Путин повика на широка коалиција во борбата против ИД

Рускиот претседател, Владимир Путин, на Генералното собрание на Обединетите нации изјавил дека Москва константно се бори против тероризмот и дека ја снабдува сириската влада со воена опрема.

Тој оцени дека соработката со терористите на Блискиот Исток довела до вооружен судир и дека несоработувањето со претседателот Башар ал-Асад е голема грешка, затоа што тој е борец против тероризмот.

– Дали сфаќате што направивте? Треба да признаеме дека никој, освен Башар ал-Асад не се бори вистински против Исламската држава во Сирија – рекол Путин.

Тој додал дека моменталната ситуација не може да се толерира, како и дека е потребно создавање на меѓународна коалиција против тероризмот, слична на таа коалиција против Хитлер создадена за време на Втората светска војна.

Путин навел дека би требало да постои координација помеѓу силите што се борат против ИД, која ќе се темели на принципите на Обединетите нации, како и дека доколку тоа се оствари, нема да има потреба од бегалски кампови.

– Ова е голема и трагична миграција на луѓе. Тоа е груба лекција за сите нас, вклучувајќи ја и Европа – оцени Путин.

Рускиот претседател истакнал дека ставањето крај на конфликтот во Украина е можно само со целосно почитување на Договорот од Минск.

Делегацијата на Украина ја напуштила салата непосредно пред почетокот на обраќањето на Путин, а претходно, за време на говорот на украинскиот претседател, Пјетро Порошенко, салата ја напушти руската делегација.