Македонија Поради короната ќе доцни пристигнувањето на новите автобуси за ЈСП – Скопје

Поради короната ќе доцни пристигнувањето на новите автобуси за ЈСП – Скопје

Фото: Град Скопје

Пандемијата на корона вирусот ќе влијае и на испораката на новите еколошки автобуси за ЈСП – Скопје. Првата пратка од новиот возен парк требаше да пристигне до крајот на март, но поради околностите со вирусот Ковид-19 во речиси цела Европа таа ќе се одложи на неодредено време. Од Јавното сообраќајно претпријатие за „Мета.мк“ велат дека се во постојана комуникација со добавувачот, којшто треба да ги испорача автобусите од германскиот производител „МАН“.

– Во актуелната ситуација, неблагодарно е да најавуваме нови термини кога би се реализирала испораката на првата пратка возила – посочуваат од ЈСП – Скопје.

Засега е сигурно дека очекуваната динамика на испорака на набавените 33 еколошки автобуси нема да се исполни. Скопските градски власти пред еден месец објавија дека обновата на возниот парк на ЈСП ќе почне кон крајот на март, посочувајќи дека дел од автобусите веќе се произведени и е потребно само да бидат испорачани. Сепак, корона кризата ја промени планираната динамика на испорака.

Градот Скопје и ЈСП во септември минатата година го потпишаа договорот за набавка на 21 единечен и 12 зглобни автобуси за потребите на јавниот превоз на главниот град. Новите автобуси треба да ја намалат годишната потрошувачка на гориво за 25.000 евра по автобус, додека за 700 отсто ќе се намали испуштањето на ПМ честички во воздухот од нивното работење.