Македонија Попоски: Тирана и Приштина да не се мешаат во внатрешните работи на...

Попоски: Тирана и Приштина да не се мешаат во внатрешните работи на Македонија

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, денеска го оцени како непристојно и несоодветно мешањето на Албанија и на Косово во внатрешните работи на Македонија.

– Не е пристојно, ниту соодветно кога премиер или претседател од соседна земја директно се меша во внатрешни работи, особено не во период по демократски спроведени избори и пред формирање влада. Се испраќаат погрешни сигнали во регионот. Секако дека е опасен овој пристап во место со мултикултурна традиција. Многу е далеку од практиката на добрососедство. Доколку сите сме согласни дека иднината ни е во Европа, тогаш борбата е да обезбедиме стабилност, мир, правда и економски просперитет за сите граѓани. Секогаш сме биле крајно коректни во соработката со соседите. Најдобро ќе биде и тие да ни се придружат по тој пат, наместо да се поставуваат мини кои носат ризик за сите – одговори Никола Попоски во однос на прашањето за мешањето на Тирана и на Приштина во внатрешните работи на Македонија.

Реакцијата доаѓа по објавувањето на заедничката платформа на ДУИ, Движење Беса и на Алијанса за Албанците, која произлезе по средбите на лидерите на партиите со државниот врв на Албанија и на Косово.

Претходно, шефот на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, изјави дека официјална Тирана не се меша во внатрешните работи на Македонија, но дека настанатата ситуација по предвремените парламентарни избори во Македонија е златна шанса за албанските партии да извршат притисок целосно да се спроведе Охридскиот договор.