Свет Балкан Почна ловот на новинари: Додик со акт клеветата ја прогласи за ново...

Почна ловот на новинари: Додик со акт клеветата ја прогласи за ново кривично дело

Иако законот беше усвоен во Република Српска, лица вклучително и новинари од Босна и Херцеговина можат да бидат под негово влијание

Милорад Додик., 2016 година Фото: Medija centar Beograd, Wikimedia Commons

Претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик денеска го потпиша указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик на РС, пренесе Ослобоџење.

Станува збор за измени кои практично клеветата ја прогласуваат за кривично дело. Овие измени беа усвоени од Народното собрание на РС на седницата на 20 јули годинава.

Тоа значи дека секој што ќе верува дека е наклеветен и дека се кажани невистини за него, покрај обесштетување преку граѓанска тужба, ќе може да поднесе и кривична пријава, по која ќе постапува надлежното обвинителство.

Дополнително, а што е уште поопасно, овие измени го прават секое објавување на писмен, аудио и видео материјал без согласност на лицата на кои материјалот се однесува како кривично дело. Во пракса, тоа ќе значи дека ниедно видео или фотографија од кој било службеник или член на неговото семејство не може да се објавува без дозвола. Дури и договорите што ги склучуваат министрите и другите функционери не можат да бидат јавно објавени без согласност на договорните страни, без разлика колку таков договор може да биде штетен.

Во пракса, тоа ќе изгледа како на пример, наместо одговорните лица за некое дело, осудени да бидат новинари кои би објавиле сторија.

Треба да се има предвид дека, иако законот е донесен во Република Српска, под негово влијание можат да дојдат и сите лица, вклучително и новинарите, од Босна и Херцеговина.