Македонија По само 4 месеци од воведувањето, во Тетово времено е укинат јавниот...

По само 4 месеци од воведувањето, во Тетово времено е укинат јавниот превоз

Фото: Порталб.мк

Општина Тетово времено го укина јавниот превоз во градот по само 4 месеци откако истиот беше воведен, а за којшто беа набавени и нови автобуси. Новото општинско раководство вели дека ќе треба да се среди хаосот што владеел во јавното претпријатие „Тетово Транспорт“. Се работело без да се платат придонеси за вработените, а фирмата работи нерегистрирана.

Локалните власти велат дека јавниот превоз ќе биде укинат додека не се заврши конечното скенирање на состојбата во ова јавно претпријатие и работењето од претходните раководни структури.

Тетовскиот градоначалник Билал Касами за нов в.д. директор на ЈП „Тетово Транспорт“ го назначи Рафиз Мејдија.

Инаку, Тетово е еден од поголемите градови во земјава, којшто со години наназад немаше јавен превоз. Годинава со кредит од Светската банка беа набавени пет градски автобуси за јавен превоз, а конечно профункционира и јавното претпријатие и беа поставени автобуски постојки.

Редовните автобуски линии почнаа да функционираат во септември годинава, но веќе изминатава есен се појавија и првичните проблеми. Веќе во ноември во функција беше ставена само едната од трите најавени линии за превоз на патници, а поради честите промени на возните редови засега бројот на патници што го користеа тетовскиот јавен превоз беше мал.