fbpx

Порталб: Во јавниот превоз во Тетово во функција само линијата број 1

-

На граѓаните и натаму им е нејасно како сообраќаат автобусите во Тетово. Од вчера повторно има промени. Сега се скратени линиите на јавниот превоз на Тетово, односно на услуга на граѓаните ќе биде само линијата број 1, која ќе кружи на секои 15 минути од 6 часот наутро до 20 часот навечер. Директорот на ЈП „Тетово Транспорт“ за Порталб.мк рече дека сé уште се во фаза на тестирање за тоа кои линии треба да бидат функционални, пишува Порталб.мк.

Една граѓанка која ја сретнавме во автобус рече дека не знае кога тргнува автобусот бидејќи постојано има промени.

„Не е во ред тоа што еднаш ги укинуваат а другпат ги пуштаат автобусите, не е коректно“, рече патничката.

Директорот на ЈП „Тетово Транспорт“, Дарко Спировски рече дека уште се во фаза на тестирање и утврдување на тоа кои линии треба да сообраќаат, па во моментот одлучиле во функција да биде само линијата број 1. Рече дека имаат поплаки од нивните најбројни корисници, студентите и учениците, дека во утринските часови и кога се враќаат од факултет и училиште во автобусите има многу луѓе и гужви.

„Во моментов имаме голем притисок од студентите и учениците, бидејќи велат дека наутро и потоа во текот на денот има многу луѓе и гужви во автобусот. Сега ја одржуваме барем главната линија, каде што 80-90 отсто од нашите клиенти се ученици и студенти. Затоа, барем во овој период, решивме да се движиме на овој начин“, изјави Дарко Спировски.

Линијата број 1 ќе биде во служба на граѓаните на секои 15 минути, од 6 часот наутро до 20 часот навечер.

Оваа линија од јавниот превоз поминува покрај „Автобуска станица“, „Зелен пазар“, „Центар“, „Шарена џамија“, „Средно медицинско училиште“, „Универзитет во Тетово“, „Универзитет на Југоисточна Европа“ и обратно.

Спировски, меѓу другото, напомена дека функционирањето на сите линии не е финансиски стабилно. Како пример ја наведе линијата број 3 која тргнува од Автобуската станица, продолжува до стадионот и се враќа од Центар. Тој рече дека поради интерес на луѓето, линијата била продолжена кон Џепчиште, но подоцна се покажало дека има луѓе во правец на паркот со детски играчки, но не и во правец на Џепчиште.

„Досега неколку пати пуштавме неколку линии и потоа ги скратуваме, во зависност од интересот на граѓаните. Сега само ги тестираме линиите, за да видиме кои линии се постабилни, а кои линии се помалку стабилни. Не сакам да кажам дека целосно ќе ги исклучиме и дека воопшто ќе ги нема. Практично не е финансиски одржливо, барем во оваа фаза. На крајот ќе ги сумираме и ќе донесеме одлука, мислам дека може да се направи уште повеќе“, изјави Дарко Спировски.

Новинарот на Порталб.мк разговараше и со еден од возачите на ова претпријатие, кој ни рече дека причината за намалувањето на другите две линии е тоа што претпријатието нема сметка.

Приходот на ова претпријатие зависи од билетите што тие ги продаваат. Во моментов во продажба се само основни билети, кои се за едно возење и чинат 20 денари. Месечните и годишните билети сè уште не се пуштени во продажба, што веројатно би било поголема финансиска поддршка за компанијата.

За ова директорот Спировски рече дека месечните и годишните билети се готови, но има некои административни прашања кои треба да се решат во наредниот период, нагласувајќи дека тоа е прашање на време.

„Започнавме фирма од нула и кога се гради фирма од нула вие имате еден куп предизвици нови кои посебно ги решавате. За една година ќе има сè, ние сега чекор по чекор решаваме проблем по проблем. Уште имаме потреба самите автобуски станици да се идентификуваат подобро, да се стават знаци, да се стави возниот ред. Стојат повеќе предизвици“, рече Дарко Спировски.

Минатиот петок автобусите престанаа да сообраќаат откако останаа без гориво, а бензинската пумпа што ги снабдувала со гориво престанала со испорака. Тоа беше како резултат на долгот што го генериралз општина Тетово неколку месеци, а не бил навреме вратен, бидејќи договорот за снабдување на автобусите со гориво го склучила општината, а не јавното претпријатие.

Истиот ден директорот на оваа компанија објави дека договорот е обновен и дека автобусите повторно почнале да кружат. Од новото раководство на општина Тетово порачаа дека ќе се обидат да го изнајдат најдоброто можно решение, кое ќе биде во корист на граѓаните, а не на поединци.

Инаку, автобусите на тетовскиот јавен превоз беа пуштени во употреба во средината на август. Сепак, проблемот со сообраќајниот хаос во овој град сè уште не е решен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...