Свет Балкан По изборите, мали шанси за формирање влада во Бугарија

По изборите, мали шанси за формирање влада во Бугарија

Судската палата во центарот на Софија. Фото: Мета.мк, 18 јуни 2021

Копретседателот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов, слично како и Кирил Петков од „Продолжуваме со промената“, отфрли можност да коалицира со ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. ГЕРБ, односно нејзината коалиција со Сојузот на демократските сили, доби најмногу гласови на изборите – 25,33 отсто, известува бугарскиот онлајн-медиум mediapool bg.

Ваков став соопшти и Корнелија Нинова, претседателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), отфрлајќи можност да влезе во коалиција со ГЕРБ и со Движењето за права и слободи (ДПС), кое е традиционален партнер на ГЕРБ во претходните владини мандати.

Откако три од седумте партии што обезбедија влез во парламентот отфрлија можност да влезат во владина коалиција, шансите за формирање влада од ГЕРБ, ДПС и „Б’лгарски в’зход’ (Бугарско издигање) на поранешниот технички премиер Стефан Јанев, се крајно слаби, пишува mediapool bg.

Според овој медиум, во ваква позиција за ГЕРБ остануваат варијантите за малцинска влада, преговори со „В’зраждане“ (Препород), или пак барање пратеници кои би се отцепиле од партиите што „ѝ откажаа љубов“ на ГЕРБ. Тешко дека ќе може да формира влада и „Продолжуваме со промената“ (ПП), која освои 20,2 отсто од гласовите, нагласува бугарскиот медиум.

ДПС, која главно се гледа како „турска партија“ вмешана во голема корупција, освои 13,76 отсто од гласовите, а по неа е проруската „Препород“, со 10,71 отсто. БСП е петта, со 9,3 отсто од гласовите. ДБ има 7,44 отсто доверба, а „Бугарско издигање“ доби 4,62 отсто од гласовите.

Со 3,83 отсто гласови, „Има таков народ“ (ИТН) не го помина цензусот за освојување пратенички места. ИТН на шоуменот Слави Трифонов, која постојано притискаше за тврда политика кон Северна Македонија и која учествуваше во последната политичка влада, а потоа излезе од неа, беше факторот што помогна кабинетот на Кирил Петков да добие недоверба.

Конечните резултати и точниот број пратенички места на секоја партија ќе бидат соопштени најдоцна до четврток.

Изборите во неделата, со нешто над 2,5 милиони луѓе што гласале, се парламентарните избори во Бугарија со најслаба излезност уште од 1989 година, соопшти портпаролот на Централната изборна комисија во понеделникот.