Дописници Планот за управување со наследството на Охридскиот регион од утре на јавен...

Планот за управување со наследството на Охридскиот регион од утре на јавен увид

Нацрт – планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион во текот на наредните 60 дена ќе биде ставен на увид на јавноста, информираше на денешната прес-конференција министерот без ресор, Едмонд Адеми.

Планот е многу важен дел од спроведувањето на препораките на УНЕСКО и со него се дефинира строгата заштитна зона во крајбрежјето околу која не смее да се гради, кажа на денешната заеничка прес – конференција, Ана Петрова, државен секретар во Министерството за животна средина.

Многу е голем предизвикот со одредбите на планот да воспоставиме контролирана урбанизација. Тоа го правиме со соодветно зонирање и тоа прва строга заштитна зона во крајбрежјето со ширина од 50 метри, сметано од границата на катастарска парцела еден на еден, односно Охридско Езеро. Оваа зона овозможува сѐ она што е недопрено во природата да остане такво, не смее да се гради рече Петрова.

Кои од веќе изградените објекти во оваа строго заштитна зона ќе останат ќе зависи од студијата за оцена на културното наследство и животната средина што ќе ја прави Министерството за транспорт и врски, врз основа на Инвентарите односно регистрите на бесправно изградени објекти. Регистрите за дивоградби во Охрид и Дебрца се веќе готови, а до крајот на месецот ги очекуваат и од Струга.

– Се воспоставуваат заштитни зони во Охрид и Струга, и во населбите особено крајбрежните каде што многу е важно да се стави под контрола урбанизацијата, на начин што со зонирањето се обезбедува заштита на строгите споменични целини односно јадрата во Охрид и Струга – посочи Петрова.

Таа посочи дека крајбрежјето ќе се решава со интегрален урбанистички план од значење за државата. Во градовите измените ќе бидат усогласени со постојните урбанистички планови, но со корекција во поглед на катноста, односно нејзино намалување.