Свет Папата Франциск смета дека Доналд Трамп не размислува христијански

Папата Франциск смета дека Доналд Трамп не размислува христијански

Папата Франциск ги стави под знак прашалник христијанските убедувања на кандидатот за претседател на Соединетите Американски Држави (САД) од редовите на Републиканската партија, Доналд Трамп, кој повикува на подигнување ѕид долж границата со Мексико, пренесува „Би-Би-Си“.

„Личност која размислува само за градење ѕидови, каде и да било, а не за градење мостови, не е христијанин“, изјавил папата пред крајот на својата посета на Мексико.

Коментарот на папата Франциск се однесува на изјавите на Трамп на неговите јавни настапи, во кои како претседателски кандидат најавува и дава отворена поддршка на поставувањето ѕид на границата со Мексико, како и депортирање на речиси 11 милиони имигранти без документи.

Американскиот бизнисмен, пак, во обраќање на собир во сојузната држава Јужна Каролина, како одговор на коментарите на папата рекол дека „е срамно за еден верски лидер да ја преиспитува верата на друг човек“.

„Ниту еден лидер, особено верски, нема право да ја преиспитува религијата или верата на друг човек. Папата искажа негативни работи за мене бидејќи Мексиканците го убедиле дека Трамп не е добар човек“, пренесува „Би-Би-Си“ дел од изјавата на Трамп.