Свет Балкан Осум деца и чуварот се убиени, откако седмоодделенец пукаше во училиште во...

Осум деца и чуварот се убиени, откако седмоодделенец пукаше во училиште во Белград

Српската полиција соопшти и дека шест деца и еден наставник се ранети и се пренесени во болница

Фото: МВР Србија

Во пукотницата што се случи денеска во Белград, во основното училиште „Владислав Рибникар“ на Врачар, убиени се осум деца и чуварот на училиштето, потврди српското Министерството за внатрешни работи. Српската полиција соопштува дека шест деца и еден наставник се ранети и се пренесени во болница.

Ученикот од седмо одделение, К.К., роден 2009 година, кој се сомничи дека пукал во своите соученици и во кадарот од училиштето, е пронајден и уапсен во училишниот двор.

Н1 јавува дека меѓу повредените има и девојче кое е во животна опасност и на кое  моментално му се врши хируршка интервенција.

„Сите полициски сили се и понатаму на терен и интензивно работат за расветлување на мотивите и околностите кои довеле да се случи оваа трагедија“, пишува во полициското соопштение.

Од Синдикатот на просветните работници на Србија изјавиле дека трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ е доказ дека се живее во услови на екстремно насилство.

„Веќе не можат да ни помогнат ниту законските измени, ниту новите подзаконски акти, туку нулта толеранција за насилни форми на однесување, како на децата, така и на возрасни и контрола на оружјето. По ова пукање, сите треба искрено да се запрашаме, како дојдовме овде и има ли враќање по точката каде што малолетник пука за да убие?!“, се вели во соопштението и се изразува длабоко сочувство до семејствата на починатите.

Седмоодделенец со пиштол уби чувар и рани неколку ученици во училиште во Белград