Свет Европа Ослободени шест од осум каталонски политичари

Ослободени шест од осум каталонски политичари

Шпанскиот Врховен суд одлучи да пушти на слобода шест од осум членови на поранешната каталонска влада, кои се сменети и уапсени по прогласувањето независност.

Судот, меѓутоа, го одби барањето за ослободување со кауција на поранешниот каталонски потпретседател Ориола Жункерас и регионалниот министер за внатрешни работи Жоаким Форна.

За шестeмина поранешни членови на каталонската влада кои беа притворени во рамките на истрагата за вмешаност и незаконско еднострано прогласување независност на 27 октомври, им е одредена кауција во износ од 100.000 евра.

Истовремено одлуката за испорачување на Шпанија на поранешниот каталонски претседател Карлес Пучдемон и четворица членови на неговата сменета влада, ќе биде донесена на 14 декември, седум дена пред регионалните избори во Каталонија.

Пучдемон и неговите министри одбиваат да се вратат во Шпанија каде што се обвинети за бунт и за злоупотреба на јавните фондови поради што би можеле да добијат повеќедецениска казна затвор.