Свет Балкан Од летово во Македонија и Србија електронски ќе се плаќа за патарина...

Од летово во Македонија и Србија електронски ќе се плаќа за патарина со исти уреди

Граѓаните ќе можат да плаќаат патарина без дополнителни застанувања поради купување на уреди - тагови или картички за електронска наплата на патарина во соседната земја

Фото: Архива на Мета.мк

Електронска наплата на патарина по автопатите во Македонија и Србија со идентични уреди за плаќање – тагови и картички. Ова е новината што треба да се воведе од летово со потпишаниот меморандум меѓу двете земји во областа на инфраструктурата, кој се однесува на воспоставувањето интероперабилен електронски система за наплата на патарина.

Со ова, граѓаните ќе можат да плаќаат патарина без дополнителни застанувања поради купување уреди – тагови или картички за електронска наплата на патарина во соседната земја.

„Ние ги продолжуваме и понатаму разговорите околу усогласувањето на оваа интероперабилна електронска наплата, имаме 30 дена да ги усогласиме, а дополнителни 60 дена за тестирање на овој систем и очекување и план е во текот на летната сезона да го пуштиме овој систем во функција“, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.

Брнабиќ рече дека станува збор за прва фаза и дека заедничкото работење на овој систем ќе се продолжи и со Албанија, во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, но исто така и со Хрватска и Грција. На овој начин, би се олесниле патувањата на граѓаните во регионот, но српската премиерка смета дека нејзината земја би постанала уште поатрактивна за транспорт на стоки преку ваквиот начин за електронска наплата на патарина.