Македонија Обвинителство: Гласањето без нерегуларности засега, ноќеска инцидент со повредени во Дебреше

Обвинителство: Гласањето без нерегуларности засега, ноќеска инцидент со повредени во Дебреше

Фото: Архива на Мета.мк

До овој момент, од почетокот на гласањето во Основните јавни обвинителства, како и во Комисијата за следење на изборни нерегуларности и преку електронската адреса izbori@jorm.mk нема пристигнати пријави за изборни нерегуларности поврзани со процесот на гласање, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

„Во текот на ноќта и предизборните денови пристигнати се неколку известувања. Во голем дел од пристигнатите известувања не се утврдени елементи на сторени кривични дела за кои гонењето се презема по службена должности и кои се предвидени во Глава 16 од Кривичниот законик. За останатите известувања, јавните обвинители преземаат дејствија во предистражна постапка за да се утврди постоењето на кривичното дело и сторителот“, велат од Обвинителство.

Рано утринава е пријавен инцидент кој се случил во 3.20 часот во подрачјето на Полициското одделение Галате, каде дошол претседателот на Месната Заедница од село Дебреше и пријавил кршење на предизборен молк од страна на две лица од село Дебреше. Лицата со автомобил низ селото растурале пропаганден материјал-флаери на една од коалициите, при што биле забележани и физички нападнати од друго лице. Од настанатите повреди, едно од лицата кои делеле пропаганден материјал е пренесен во Ургентен центар – Гостивар. Сите инволвирани во моментот се во ПО Галате. Се работи на расчистување и документирање на случајот.

„За овие настани, како и за сите останати информации и известувања кои евентуално би пристигнале во обвинителствата, надлежните јавни обвинители, како и Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности, итно и со приоритет во работењето ќе ги преземат сите потребни дејствија за расчистување на настаните“, порачува Јавното обвинителство.