Македонија Нухиу побарал дисциплинска постапка против началникот на СВР Охрид за заканите до...

Нухиу побарал дисциплинска постапка против началникот на СВР Охрид за заканите до СЈО

Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, побарал дисциплинска постапка против началникот на Секторот за внатрешни работи Охрид, Гоце Недески, во врска со заканите кон обвинителите на Специјалното јавно обвинителство, кажани во негово присуство, јавува порталот „СДК“.

Во постапката што ја побарал Нухиу, се истражуваат и елементи за сторено кривично дело од страна на началникот на СВР Охрид.

„Пред две недели добив известување од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за закани кон обвинителите од ова обвинителство, упатени од организаторите на протестите во Охрид, во присуство на началникот на СВР Охрид. Јас известувањето го анализирав и веднаш побарав од службата за внатрешна контрола на МВР да го испита случајот. Побарав внатрешната контрола да го извести задолжително и Јавниот обвинител на РМ, ако има елементи за кривично дело од страна на началникот. Значи, тое што е поведена итна дисциплинска постапка против него е едната работа, а втората е дека се испитува дали во ситуацијата началникот сторил кривични дела“, изјавил Нухиу за „СДК“.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, на вчерашната прес-конференција, на која беше објавена новата истрага „Труст“, во врска со испрашувањето и со повикувањето на распит на голем број лица за партиски донации во Охрид, рече дека таму се соочиле со непријатна ситуација и со закани во присуство на началникот на СВР Охрид, за кои, како што реше Ристоска, го известиле министерот за внатрешни работи.