Македонија Нухиу: МВР има капацитет за одржување на јавниот ред и мир и...

Нухиу: МВР има капацитет за одржување на јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните

Министерството за внатрешни работи има капацитети и е максимално посветено на одржувањето на јавниот ред и мир и на безбедноста и сигурноста на граѓаните. Ова, осврнувајќи се на актуелната ситуација во земјава, денеска го истакнал министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, на средбата со претставниците на комисијата за избори, имунитет и деловничко уредување на германскиот Бундестаг, придружувани од амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Алтхазуер.

На средбата двете страни ја нагласиле успешната соработка помеѓу двете земји и изразиле подготвеност за нејзино продлабочување и за интензивирање во иднина.

„Министерот Нухиу, воедно, изрази и благодарност за поддршката која ја добиваме од Сојузна Република Германија, како од аспект на материјално-техничка опрема, така и од аспект на организирање на разни обуки и усовршување во различни области од полициското работење. Претставниците на Бундестагот истакнаа дека соработката и партнерството со Република Македонија ќе бидат продлабочени и интензивирани и во иднина, заради евро-атлантска интеграција на земјата“, стои во соопштението на МВР за средбата.