Видео Ноќ на терор во Париз: Најмалку 60 загинати во серија експлозии и...

Ноќ на терор во Париз: Најмалку 60 загинати во серија експлозии и напади

Најмалку 60 лица загинаа, а има голем број повредени во серија експлозии и терористички напади на седум локации во центарот на Париз доцна вечерва, јавуваат светските агенции.

Експлозиите се случиле во ресторан во десеттиот арондисман и во близина на парискиот стадион, каде што се одвивал пријателски фудбалски натпревар меѓу Франција и Германија.

Има извештаи дека има и стотина заложници во концертна сала.

На натпреварот бил и францускиот претседател Франсоа Оланд, кој веднаш бил евакуиран од безбедносните служби.

Француските медиуми јавуваат дека Оланд прогласил вонредна состојба и ги затворил границите.

Настаните укажуваат дека станува збор за поврзани напади.

Засега никој не ја презел одговорноста за нападите.

Изјави со осуди на нападите пристигнуваат од државници од целиот свет.

Ова е втор напад во Франција годинава. На 7 јануари исламисти упаднаа во сатиричниот весник „Шарли ебдо“, при што убија 12 новинари и уредници поради карикатурите со кои се исмејуваат пророкот Мухамед и исламот. Неколку дена подоцна, во потрага по напаѓачите, загинаа уште осум лица, а меѓу нив беа и  тројцата напаѓачи, кои во бакалница држеа десеттина заложници.