Свет Нивото на водата во Тексас се очекува да се зголеми, Хјустон парализиран

Нивото на водата во Тексас се очекува да се зголеми, Хјустон парализиран

Нивото на водата би можело дополнително да се зголеми по силните дождови од ураганот Харви, кој го зафати Тексас и однесе осум човечки животи, соопштиле властите на оваа сојузна американска држава, јавуваат светските агенции.

Властите навеле дека се ангажирани илјадници војници, полицајци, спасувачки екипи и цивили, кои со помош на хеликоптери, чамци и на специјални камиони за движење низ длабока вода се обидуваат да ги спасат стотиците жители на Тексас кои и понатаму се заробени во поплавите.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој денеска треба да ги посети загрозените подрачја, вети дека федералната влада на САД ќе му помогне на Тексас во „долгиот и тежок пат на закрепнување“ од ураганот.

Училиштата и административните канцеларии во Хјустон се затворени, како и главниот аеродром, повеќе автопати, железничкиот сообраќај и болниците, од кои пациентите беа евакуирани во текот на викендот.

Се очекува невремето да продолжи во Тексас и во наредните неколку дена, а според најавите, поплавите би можеле да се прошират и во сојузната држава Луизијана.

Ураганот Харви, кој е најсилен ураган што ги погодил САД од 2005 година, го погоди брегот на САД кај Тексас, ноќта помеѓу петокот и саботата минатата недела, со брзина на ветрот од 205 километри на час, движејќи се долж брегот. Ураганот во саботата ослабе на ниво на тропска бура.