Свет Балкан Неизвесен победникот на парламентарните избори во Бугарија

Неизвесен победникот на парламентарните избори во Бугарија

Photo by Jack Krier on Unsplash

Речиси мртва трка се води меѓу коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ и коалицијата ГЕРБ – СДС, јавува mediapool.bg. Разлика помала од еден процент меѓу овие две коалиции е најверојатниот исход од предвремените парламентарни избори што денеска се одржаа во Бугарија.

Според податоците од агенцијата „Алфа Рисрч“, „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ освоила 25,9 отсто од гласовите, додека ГЕРБ-СДС 24,8 отсто од граѓаните кои излегоа на денешните избори. Наспроти ова, агенцијата „Маркет линкс“ прогнозира дека ГЕРБ-СДС освоила 25,5 отсто од гласовите, додека „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ 24,5 отсто од гласовите.

Неизвесност има и околу третопласираниот кандидат од денешните парламентарни избори. Движењето за права и слободи (ДПС) е во изедначен натпревар со проруската партија „Преродба“ за освојување на третото место. И двете партии имаат по околу 14 отсто од гласовите на денешните избори.

Четвртото место го освои Бугарската социјалистичка партија (БСП), која на денешните избори освои помеѓу 8,4 отсто („Маркет линкс“) и 9,1 отсто („Алфа Рисрч“) од гласовите.

Единствено изненадување кај изборните резултати е порастот на бројот на гласови на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифунов, која има речиси 4 отсто од гласовите и се натпреварува за влез во новиот состав на бугарскиот парламент. За тоа дали оваа партија ќе освои пратеници, треба допрва да покажат конечните резултати од броењето на гласовите.

Партијата „Бугарски подем“ според прогнозите на агенциите од денешното гласање околу 3,8 отсто од гласовите и заедно со „Има таков народ“ ќе го чека конечниот исход од броењето на гласовите за евентуален влез на нејзините кандидати за пратеници во бугарското собрание.