Свет Насилни протести во Портланд против изборот на Трамп за претседател

Насилни протести во Портланд против изборот на Трамп за претседател

Втора ноќ по ред продолжија протестите во повеќе градови во САД против изборот на Доналд Трамп за нов претседател на државата. Во градот Портланд, во сојузната држава Орегон, протестите прераснаа во насилства, пренесува „Би-би-си“.

Неколку илјади демонстранти ноќеска ги преплавиле улиците во западниот дел на Портланд, а биле искршени излози и прозорци од продавници и возила, поради што полицијата ги прогласила протестите за немири.

Демонстрантите фрлале пиротехнички средства и палеле контејнери за отпад.

Полицијата во Портланд обвини дел од демонстрантите дека кршат излози од продавници, носат палки и се „вооружуваат“ со камења.

Ноќеска протести имало и во други американски градови, но за разлика од Портланд биле со помал интензитет. Демонстрантите биле претежно млади луѓе кои носеле пароли и извикувале слогани дека претседателството на Трамп ќе предизвика поделби на расна и на родова основа.

Новозибраниот претседател Трамп, исто така, ги искритикува демонстрантите по неговата вчерашна средба со претседателот во заминување Барак Обама во Белата куќа.

Засега нема информации за насилства на протестите во дургите градови, а демонстрантите во Минеаполис на кратко блокирале еден од главните автопатишта, во двете насоки.

Во Филаделфија поголем број граѓани се собрале пред градското собрание носејќи пароли на кои биле испишани слоганите „Не е наш претседател“, „Транс против Трамп“, „Да ја направиме Америка безбедна за сите“.