Подглавна секција Најмалку 36 лица загинаа во катастрофалните пожари на Хаваи

Најмалку 36 лица загинаа во катастрофалните пожари на Хаваи

Лахаина е уништена од пожарот, а на видеа што се споделуваат на интернет се гледа како пожарот пламнува низ туристичкиот град

Ресорт во туристичкиот град Лахаина пред катастрофалните пожари; Извор на фотографија: Photo by Upgraded Points on Unsplash

Хавајскиот остров Мауи беше погоден од катастрофални шумски пожари, во кои животот го загубија најмалку 36 лица, јавува Би-би-си. Пожарот го зафати градот Лахаина, која е главна туристичка дестинација на островот, каде што се регистрирани и најголем дел од загинатите лица.

Пожарите на Хаваи до темел изгореа цели населби, а илјадници луѓе беа принудени да се евакуираат од своите домови и прогласена е вонредна состојба.

Огромна операција за пребарување и спасување е во тек, а некои луѓе сè уште не се пронајдени од спасувачките екипи.

Пет засолништа за евакуација се отворени на Мауи, а официјални лица претходно изјавија дека тие биле „пренатрупани“ со луѓе. Островот е популарна туристичка дестинација и посетителите се повикани да се држат настрана.

Пожарникарите и понатаму се борат со активните пожари, а хеликоптери фрлаат вода врз пожарите одозгора.

Западната страна на островот, кој е втор по големина од хавајскиот архипелаг, беше речиси целосно отсечена со отворен само еден пат.

Десетици луѓе се повредени откако пожарите почнаа да горат во вторникот, а болниците на островот ги лекуваат пациентите за изгореници и вдишување чад.

Лахаина е уништена од пожарот, а на видеа што се споделуваат на интернет се гледа како пожарот пламнува низ туристичкиот град на плажата.

„Ја доживеавме најлошата катастрофа што некогаш сум ја видел. Целата Лахаина е изгорена до крај. Тоа е како апокалипса“, изјави жителот Мејсон Џарви за Ројтерс.

Пожарите претходно ги натераа луѓето да скокаат од пристаништето во градот за да се спасат од пламените јазици и чадот. Четиринаесет лица беа спасени откако скокнале во водите.