Македонија Најчевска поднесе оставка од Советот за реформа на правосудниот сектор

Најчевска поднесе оставка од Советот за реформа на правосудниот сектор

Професорката Мирјана Најчевска поднесе оставка од членувањето во Советот за реформа на правосудниот сектор, а за тоа ги информирала министерот за правда и членовите на Советот.

„Изминатиот период јасно покажа дека ова тело е формирано само како параван за решенија кои се носат на друго место и служи за создавање лажна слика дека некаков експертски тим има влијание врз реформските процеси во правосудството. Фактички, ова тело нема достап до никакви информации, нема удел во ниту едно реформско решение и не учествува во анализите на законите кои се менуваат. Јас како независен експерт и како универзитетски професор немам намера да служам за залажување на граѓаните и не дозволувам моето име да биде искористено во политичките промени кои се нарекуваат правни“, вели Најчевска во објавата на нејзиниот фејсбук-профил.

Таа исто така додава дека, не ги видела законските текстови кои се влезени во собраниска процедура или е најавено дека ќе бидат ставени на дневен ред на Собранието како што се Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривична постапка, Законот за полиција, Законот за извршување, Законот за извршување на санкциите, Законот за јавното обвинителство, Закон за судовите.

Претходно, оставка од Советот за реформа на правосудниот сектор поднесе и професорот Гордан Калајџиев.