Македонија Над Скопје ќе прелетаат два воени авиони „Б-52“ како гаранција за силното...

Над Скопје ќе прелетаат два воени авиони „Б-52“ како гаранција за силното НАТО сојузништво

Фотографија од бомбардерот „Б-52“ од 2018 г. (U.S. Air Force photo/Tech. Sgt. Richard P. Ebensberger)

Воздухопловните сили на САД во Европа и Африка ќе извршат прелети над Скопје со два воени воздухоплови од типот Б52 денеска во 14:35 часот, соопшти Министерството за одбрана.

„Прелетите на воздухопловите го демонстрираат силното сојузништво во НАТО и претставуваат гарант за целата Евроатланска област вклучувајќи ја и Северна Македонија. Со цел да ја прикажат посветеноста и гаранцијата на сигурноста кон балканските сојузници и партнери на НАТО, Воздухопловните сили на САД во текот на денот освен над македонското небо ќе извршат прелети и над Хрватска, Црна Гора и Албанија“, информира министерството.

Но, тоа не е единствената демонстрација на сојузништвото на Северна Македонија и САД во рамките на НАТО.

Имно, од саботата до 26 август на армискиот полигон „Криволак“, припадници на Вооружените сили (ВС) на САД кои се дел од мисијата КФОР во Косово изведуваат обука и гаѓање со два хеликоптери од типот УХ-60 „Блек Хок“.

Армијата на Република Северна Македонија покрај овозможување на непречено користење на полигоните и стрелиштата на АП „Криволак“, за време на активностите ја овозможи и потребната воено полициска придружба при транспорт на припадниците на ВС на САД, и доколку е потребно, обезбедува соодветна медицинска и логистичка поддршка на активностите.