Македонија МНР: Околу 100 македонски државјани во Авганистан, досега нема барања за евакуација

МНР: Околу 100 македонски државјани во Авганистан, досега нема барања за евакуација

Жители на Кабул се подготвуваат да го напуштат главниот град на Авганистан. Фото: Скриншот од видео

Во изминативе 24 часа, на дежурните телефони во Министерството за надворешни работи (МНР )пријавени се неколку граѓани кои имаат свои роднини и/или пријатели во Авганистан, кои покажале интерес за состојбите во Авганистан, за напорите на МНР, но притоа не е побарана асистенција за нивно извлекување, соопшти министерството попладнево.

Околу 100 македонски државјани се на безбедни локации и веќе се договорени летови со кои тие ќе бидат извлечени од земјата, откако Талибанците го освоија речиси цел Авганистан и попладнево навлегуваат во Кабул, а се очекува попладнево мирно да ја преземат власта од демократски избраните државни органи.

„Според последните сознанија, околу 100 наши граѓани се идентификувани дека се сѐ уште присутни во Авганистан, и сега за сега сите се наоѓаат на безбедни локации. Според последните информации кои ги добивме, компаниите кои ги ангажираат работниците не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен“, соопшти МНР.

Министерството за надворешни работи порачува дека будно ја следи состојбата во Авганистан, формирана е и посебна работна група во рамките на министерството, а има постојан контакт со амбасадите во земјава чии матични држави имаат логистичко присуство во Кабул, од каде постојано се добиваат информации за состојбите на терен.