Талибанците околу Кабул, за неколку часа мирно ќе ја преземат власта над Авганистан

Жители на Кабул се подготвуваат да го напуштат главниот град на Авганистан. Фото: Скриншот од видео

Според авганистанската телевизија „1 ТВ Њус“, во претседателската палата во Кабул се одвиваат преговорите на Талибанците, кои веќе навлегуваат во главниот град на Авганистан, и авганистанската влада и претседател за мирно примопредавање на власта во следните неколку часа.

Талибанците веќе контролираат 90 отсто од територијата на Авганистан и сите гранични премини. Во Кабул, иако нема известувања за посериозни борби, огромен број граѓани чекаат ред пред банките за да подигнат пари и да го напуштат градот.

Претходно авганистанскиот министер за внатрешни работи на локалната телевизија „Толо ТВ“ најави мирен пренос на власта на преодна влада и вети дека Кабул нема да биде нападнат. Талибанските водачи исто така соопштија дека им наредиле на борците мирно да чекаат на периферијата на Кабул и да им дозволат на граѓаните што сакаат да го напуштат градот да го направат тоа.

Околу 5.000 војници на САД ги обезбедуваат операциите за евакуација на амбасадата во Кабул.

Пред пристигањето пред Кабул, кое според локални медиуми минало мирно и без престрелки, Талибанците без борби го освоија и последниот голем град во Авганистан, Џалалабад.

Претпладнево најмалку еден генерал на авганистанската национална армија потпиша договор со Талибанците за предавање на вооружувањето.

Мохамед Сухаил Шахин, претставник на талибанското движење во интервју за индиската новинска агенција АНИ, порача дека Талибанците нема да дозволат терористите да ја користат територијата на Авганистан за акции против други земји.