Македонија Мицкоски побара средби со Иванов и Заев и оставка од Димитров

Мицкоски побара средби со Иванов и Заев и оставка од Димитров

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција денеска повторувајќи голем дел од пораките од вчерашната прес-конференција во врска со постигнатиот договор на македонскиот и грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, побара да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов за да дискутираат за ситуацијата, а побара и средба со Заев на која ќе му биде презентиран пишаниот документ за кој се согласиле Заев и Ципрас.

– Работата е пресериозна, и сите ние имаме одговорност кон нашата држава и граѓани. Затоа денес побарав итна средба со претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов кој предводи една од институциите која е дел од државноста и интегритетот на државата и каде што ќе разговарам за ова суштинско прашање. Воедно ја користам и оваа прилика да побарам и средба со премиерот, господинот Зоран Заев на кој очекувам да ми биде доставен пишаниот документ односно она за што се согласил со неговиот грчки колега Алексис Ципрас – порача Мицкоски.

Нарекувајќи го договорот апсолутен пораз на македонската дипломатија и капитулација, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека дека лагата, измамата и манипулацијата се примарно делување на Зоран Заев, како и дека македонскиот премиер за само неколку месеци драстично ги сменил ставовите и и прави непоправлива и неповратна штета на Република Македонија.

За соучесник во „капитулацијата“ Мицкоски го прогласи министерот Димитров.

– Имаме министер за надворешни работи, името му е Никола Димитров, кој е учесник во оваа капитулација, и кој најави дека ако тоа помогне ќе си поднесе оставка. Еве го тој момент господине Димитров. Првиот почетен чекор е Вие да си дадете неотповиклива оставка поради капитулацијата која што ќе се обидете да им ја прикажете на граѓаните како победа – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.