Македонија Меџити бара Обвинителството да излезе со имиња на обвинети за скандалот на...

Меџити бара Обвинителството да излезе со имиња на обвинети за скандалот на Онкологија

Од обвинителството апелираат политичарите да се воздржат од употреба на чувствителниот предмет во политички цели

Фото: Порталб.мк

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска апелираше до Обвинителството да излезе со име и презиме на обвинети за случајот со Клиниката на онкологија. Тој посочи дека очекува резултати од работењето на Обвинителството, додавајќи дека го гуши краватата што ја носи и најубаво се чувствува меѓу колегите, во бел мантил.

„Уште еднаш апелирам крајно време е Обвинителството да излезе со точно име и презиме за случајот со Онкологија“, порача министерот Меџити.

Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) по изјавата на Меџити излегоа со соопштение дека тие водат предистражна постапка и не постапуваат по барања на други лица.

„Информации се споделуваат единствено во обем кој нема да наштети на постапката. Јавните обвинители работат темелно и одговорно, почитувајќи ги сите законски рокови. Јавното обвинителство апелира политичарите да се воздржат од употреба на овој чувствителен предмет во политички цели“, стои во соопштението на ОЈО по денешната изјава на министерот за здравство.

За скандалот со Клиниката на онкологија, од ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесоа предлог одлука, со која бараат да се продолжи рокот за дополнителни 30 дена за сослушување на експерти и поранешни и сегашни носители на јавна функција на собраниската Анкетна комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.

„Го повикуваме парламентарното мнозинство и сите останати партии од опозицијата доколку навистина сакаат вистината да излезе на виделина да го поддржат нашиот предлог. Вистината за канцер мафијата мора да се знае“, изјави денеска пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.

Таа вели дека Анкетната комисија досега сослушала повеќе од 50 лица, вклучувајќи поранешни и сегашни министри и заменици, директори, раководители на сектори, вработени во надлежните институци и тоа: Министерство за здравство, ФЗО, МАЛМЕД, ДСЗИ и ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.

Сепак, Мизрахи смета дека со сослушувањето на лицата се појавиле нови и важни факти, а изминатите денови биле објавени нови сознанија за случајот со Онкологија, од кои може да се заклучи дека станува збор за основано сомневање за метастазирано диво месо во здравствениот систем и владеење на канцер мафијата, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Мизрахи.