Свет Балкан Масовно и брзо тестирање во Банско за испитување на имунитетот на Ковид-19

Масовно и брзо тестирање во Банско за испитување на имунитетот на Ковид-19

Bansko dek08 - Photo: Elena Chochkova -commons.wikimedia.org

Во бугарскиот планински град Банско, кој беше силно засегнат од новиот корона вирус во почетокот на епидемијата во март денеска ќе почне масовно тестирање со брзи тестови за да се утврди колку лица стекнале имунитет на новиот корона вирус.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов на утринскиот брифинг на Оперативниот штаб за справување со Ковид-19 рече дека денеска ќе даде налог за почеток на оваа операција.

-Имаме податоци за епидемиолошката атмосфера во Банско, и ќе се види по локали, по места на средби на заболените дали луѓето што биле во контакт со вирусот имаат изграден имунитет – соопшти Тодор Кантарџиев од Оперативниот штаб.

Борисов одговарајќи на новинарско прашање соопшти дека Бугарија не може финансиски да си дозволи масовно тестирање на сите граѓани.

Инаку, според последните податоци што беа соопштени на брифингот, до 8 часот утрово во Бугарија досега има вкупно 531 дијагностицирани со Ковид-19, а од нив досега починале 23 лица. Просечната возраст на починатите изнесува малку над 65 години.

Од медицинскиот персонал, досега заразени со новиот корона вирус се 32, во што е вброен и најновиот случај – на една рентген-лаборантка.