Свет Балкан Макрон и Хил повикаа на одговорност од косовските власти за новите тензии

Макрон и Хил повикаа на одговорност од косовските власти за новите тензии

Граѓани веќе четири дена протестираат пред општинските згради во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток

Фото: KoSSev.info (29 мај 2023)

Приштина ќе сноси последици затоа што не го послуша Вашингтон и актуелните настани ќе влијаат на нашите односи, изјави амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, а пренесе „Нова.рс“.

Во обраќањето пред новинарите во Белград, Хил рече дека ова се многу тешки денови за Косово и потсети дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен рекол оти САД се противат на потезите на Приштина и за тоа може да има последици.

Хил истакна и дека САД ги осудуваат нападите врз припадниците на КФОР и дека е многу важно тоа да не се повтори.

„Не смееме да го изгубиме компасот и насоката на движење, а тоа е формирање на Заедница на српските општини и нормализација на односите преку дијалог. Неопходно е да се смири ситуацијата во регионот и да се продолжи патот кон Европската Унија и евроатлантските интеграции“, изјави Хил.

И францускиот претседател Емануел Макрон, зборувајќи за ескалацијата на тензиите на северот на Косово, прстот го впери кон официјалните лица во Приштина.

„Косовските власти се одговорни за немирите кои значително се зголемија“, рече Макрон од Братислава, Словачка, каде учествува на Глобалниот безбедносен форум ГЛОБСЕК 2023, пренесува Радио Слободна Европа.

Медиумите јавуваат дека Макрон се осврнал и на договорот на ЕУ.

„Постои непочитување на договорот кој сепак беше важен и кој беше обезбеден пред само неколку недели“, изјави Макрон.

Граѓани веќе четири дена протестираат пред општинските згради во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Целодневните преговори меѓу нив и косовската полиција, а со посредништво на американскиот претставник на КФОР, пропаднаа и завршија со конфликт меѓу Србите и КФОР во понеделникот на 29 мај. Повредени беа десетици граѓани, меѓу кои и еден тешко ранет од огнено оружје. Од огнено оружје беа повредени и 30 војници на КФОР, меѓу кои тројца се здобиле со потешки повреди.