Македонија Македонскиот државен врв ургираше за вакцините кај кинескиот министер за одбрана

Македонскиот државен врв ургираше за вакцините кај кинескиот министер за одбрана

Извор на фотографија: Министерство за одбрана

Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и претседателот Стево Пендаровски на денешните средби со министерот за одбрана на Кина, Веи Фенгхе ургираа тој да се заложи за што побрза испорака на нарачката на кинеските вакцини против ковид-19 од производителот „Синофарм“.

„Побарав од кинескиот министер да се заложи за побрза испорака на кинеските вакцини во Северна Македонија“, објави министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска по денешната средба со министерот за одбрана на Народна Република Кина, генерал Веи Фенгхе, кој е во официјална посета на земјава.

Премиерот Заев на средбата апелираше до министерот за одбрана генерал Веи Фенгхе да пренесе до надлежните институции во НР Кина дека Северна Македонија очекува да се забрза испораката на набавката од 200.000 вакцини од компанијата „Синофарм“ за да бидат вклучени во процесот на имунизацијата во земјата која започнува утре, информираат од владината прес-служба.

Генерал Веи Фенгхе на средбата истакна дека оваа порака ќе им биде веднаш пренесена на надлежните институции во НР Кина за да се потврди пријателството меѓу двете земји и за време на актуелната криза заради ковид-19.

И претседателот Стево Пендаровски за време на средбата со кинескиот министер за одбрана ги истакна очекувањата за скорешно финализирање на набавката на вакцини од кинеската компанија „Синофарм“, што е од особена важност за непречена реализација на масовната имунизација на населението против ковид-19.