Свет Балкан Македонски државјани уапсени за продавање дрога во Грција

Македонски државјани уапсени за продавање дрога во Грција

Двајца македонски државјани се уапсени во Грција за внесување и за продавање дрога и за поседување фалсификувани пари.

Македонските државјани, на возраст од 46 и од 36 години, биле уапсени во Лерин во рамки на стандардните полициски акции и проверки.

При проверката, полицијата кај двајцата нашла 183 грама хероин, дрога која била внесена од Македонија во Грција. По наоѓањето на хероинот, полицијата извршила и физички претрес и кај едниот од уапсените била најдена фалсификувана банкнота од 500 евра.

Полицијата го запленила возилото на двајцата и сè што било најдено кај нив, односно 100 евра, 8.480 денари, четири мобилни телефони и 200 швајцарски франци.

Уапсените македонски државјани ќе бидат изведени пред судот за прекршоци во Лерин.

М.П.