Подглавна секција Левичарскиот кандидат Лула успеа да го победи Болсонаро на изборите во Бразил

Левичарскиот кандидат Лула успеа да го победи Болсонаро на изборите во Бразил

Извор: PSB Nacional 40 - https://www.flickr.com/photos/partidosocialistabrasileiro/52250647800/, CC BY 2.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=123390234

Радикално десничарскиот претседател Жаир Болсонаро не успеа да добие втор мандат за претседател на Бразил откако на вчерашните претседателски избори беше поразен од левичарскиот кандидат Луиз Инасио Лула да Силва, пренесува Би-би-си. Врз основа на 99,97 отсто од преброените гласови, поранешниот бразилски претседател Лула успеа да освои 50,9 отсто од гласовите, додека актуелниот претседател Болсонаро доби 49,1 отсто од гласовите.

Би-би-си појаснува дека силната поделба на бразилското општество е тешко да исчезне и по победата на 77-годишниот кандидатот Лула, којшто пред четири години не можеше да се кандидира за претседател на Бразил поради тоа што беше во затвор 580 дена за обвинение за корупција сторена во екот на неговото претходно владеење. Лула беше претседател на Бразил во периодот од 2003 до 2010 година.

Се обидоа да ме закопаат жив, но еве ме, изјави Лула.

Инаку, изборните анкети предвидуваа победа на Лула уште пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори, но во меѓувреме, резултатите од првиот круг беа потесни од предвидувањата. Болсонаро не го призна поразот по вчерашните избори, а тензичноста на изборите ја предизвика самиот тој изразувајќи сомнеж во исправноста на изборниот систем во Бразил.

И покрај поразот на претседателските избори, пратениците блиски на Жаир Болсонаро успеаја да победат на изборите за бразилскиот конгрес, што ќе значи дека Лула ќе има силна опозиција во законодавното тело при донесувањето на неговите ветени политики.

Меѓу клучните политики што ги очекуваат граѓаните и целиот свет од новиот претседател Лула е заштитата на шумата во Амазон од уништување и вистинска борба против климатските промени. Лула изјави дека е подготвен за соработка за да се заштити Амазон од уништувањето на шумата.