Свет Европа Ле Пен: 2017 ќе биде година на националистичките партии

Ле Пен: 2017 ќе биде година на националистичките партии

Претседателката на крајно десничарската француска партија Национален фронт, Марин ле Пен, денеска на собирот на претставниците на десно-популистичките партии во Европскиот парламент, кој се одржува во германскиот град Кобленц, изјави дека 2017 ќе биде година на националистичките партии, пренесува ХРТ.

„Минатата година англосаксонскиот свет со Брексит и со изборот на Доналд Трамп за претседател на САД ја почна борбата за сопствена слобода. Во 2017 година тоа ќе го направат нациите на континентална Европа“, рекла Ле Пен, притоа укажувајќи на важните избори кои оваа година треба да се одржат во Франција, Германија и во Холандија.

Таа на состанокот на крајно десничарските партии ја критикувала Европската Унија, нарекувајќи ја антидемократска творба која се бори против националните интереси на земјите членки.

Ле Пен во својот говор пред водечките европски политичари од крајната десница, како Холанѓанецот Герт Вилдерс, Матео Салвини од италијанската Северна лига и Фрауке Петри од Алтернатива за Германија, остро ја критикувала политиката на Ангела Меркел кон бегалците, оценувајќи ја како „неодговорна и спротивна на волјата на сопствениот народ“.

Истовремено, во Кобленц се одржуваат протести против собирот на европските националистички партии. Под паролата „Кобленц останува шаренолик“, околу 3.000 демонстранти протестираат против расизмот и за поголема толеранција.