Македонија Ковачевски: Хаосот што му се случува на Скопје е поради неспособноста и...

Ковачевски: Хаосот што му се случува на Скопје е поради неспособноста и бизнис-интересите на ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Димитар Ковачевски. Фото: Влада на РСМ, 5 август 2022

Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе помогне во решавањето на хаосот со протестите на приватните превозници рече дека хаосот што во овој период му се случува на Скопје е поради неспособноста и бизнис-интересите на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски.

„Граѓаните мора да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја има градската власт во Скопје. Кадри на ВМРО-ДПМНЕ се најмногу застапени во сите управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, вклучително и во ЈСП „Скопје“. Тие ја имаат целосната одговорност за тоа што денес се случува во Скопје. Знаат скопјани дека ова го прави ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачевски.

Тој потсети дека истите луѓе кои денес држат прес-конференции се истите луѓе што беа во кампања на Данела Арсовска.

„Цело Скопје го блокирале. Зошто? Затоа што не ги бидува. И една работа ќе им порачам: Јас овде излегувам заедно со министрите со конкретни проекти и нека не замајуваат со отворени денови во општините, па сега ќе собирале идеи. Тие дојдоа со програма на локалните избори. Реализацијата е нула. И уште нешто ќе им порачам: до следните локални избори има уште две години и 10 месеци. Лета времето“, истакна Ковачевски.

Тој исто така ја потести јавноста и дека на последните локални избори по победата на Арсовска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со цело раководство кажаа дека го освоиле Скопје.

„Самонаречениот градоначалник на Скопје, Мицкоски, мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ, членовите од управите и надзорните одбори се единствените виновници што Скопје денеска е заглавен град, исто како што беа виновници што 11 години Северна Македонија, сега, тогаш Република Македонија, беше заглавена и заробена држава“, рече Ковачевски.

Тој додаде и дека идната година Владата ќе мора да обезбеди една и пол милијарда евра за враќање на обврзницата за проектот „Скопје 2014 “.

„Над половина милијарда евра е стиропорот што паѓа овде околу зградава, тоа е таа еврообврзница. И после таа катастрофа што му ја направија на Скопје, истите тие, со истите кадри, сега го заглавија цело Скопје“, рече Ковачевски.

Расправијата меѓу Ленин и Данела го оневозможи сообраќајот во главниот град